Бизнис
27. October 2017 - 15:50

Раздор во ССМ пред претстојниот конгрес за избор на претседател

Во Сојузот на синдикатите на Македонија повторно има раздор пред престојниот вонреден Конгрес закажан за 11 ноември, кога треба да се избере нов претседател на ССМ.

Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски, кој имаше кандидатура за претседател на ССМ, обвинува дека во ССМ се прават манипулации со цел на претстојниот Конгрес само в.д. претседателот Дарко Димовски да биде кандидат за претседател, додека дел од гранковите синдикати кои му даваат поддршка на Димовски, велат дека се е легитимно и оти Димовски ги исполнува критериумите за можен кандидат за претседател. 

Грујовски денеска на прес-конференција изјави дека в.д. претседателот Димовски не дозволува да има други можни кандидати за претседател на вонредниот Конгрес и оти на последната седница на Претседателството на ССМ се прекршени критериумите за предлагање можни кандидати за претседател.

- Не дозволува да има друг можен кандидат за претседател на ССМ донесувајќи нестатутарна и неуставна одлука со која го ограничува правото на кандидирање над 64 години за потоа да изјави дека не е донесена одлука, туку заклучок, рече Грујовски, додавајќи дека неговата кандидатура е одбиена бидејќи на седницата на Претседателството не е прифатена поддршката од шестиот синдикат колку што му е потребно на еден кандидат да биде предложен за претседател на ССМ. 

Дел од гранковите синдикати кои ја поддржуваат кандидатурата на Димовски денеска ги отфрлија обвинувањата од Грујовски како ноторна лага и истакнаа дека се е легитимно околу кандидатурата на Димовски. Тие тврдат дека Димовски има поддршка од 12 гранкови синдикати, а Грујовски од пет. 

- Кандидатот за претседател треба да биде поддржан од синдикатот што го предлага, како и од најмалку една третина од синдикатите здружени во ССМ, а во кои членуваат повеќе од една третина членови на синдикатите. Во ССМ има 17 гранкови синдикати, а најмалку една третина се шест синдикати, рече Ристо Ајтов од Синдикатот на одбрана. 

До Претседателството на ССМ биле доставени три кандидатури за претседател - на Димовски, на Грујовски и на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Ацо Антовски. Според Претседалетсвото на ССМ, единствено кандидатот Дарко Димовски ги исполнил критериумите за кандидат за претседател на ССМ. 

Предлогот Димовски да биде кандидат за претседател на ССМ ќе биде доставен до Советот на ССМ кој седница ќе одржи на 3 ноември, а на 11 ноември на вонредниот Конгрес ќе се знае кој ќе биде идниот претседател на ССМ.