Македонија
22. July 2021 - 16:33

Расте интересот за вакцини во струмичко

Интересот за вакцинација во струмичките села се зголемува. Здравствените тимови кои го реализираат процесот на терен велат дека бројот на граѓаните кои вакцината ја примаат во местото на живеење секојдневно расте. Мобилните екипи на здравствениот дом до сега поминале 14 од вкупно 72 села колку што има во регионот, а вакцина примиле над 600 граѓани.

„Имаме голема заинтересираност од селата во Струмица. Имаме вкупно 72 села, а моментално сме на 14 -то село што значи дека имаме уште многу за вакцинирање. Моменталната бројка на вакцинирани граѓани е околу 613 , но заинтересираноста расте секој ден се повеќе. Имаме граѓани од сите возрасти. Во руралните средини обично се постари граѓани на кои им е потешко да дојдат до Струмица да се вакцинираат“, вели д-р Ана Мицевска.

Граѓаните велат дека е добро што не треба да патуваат и имаат можност да се вакцинираат во местото на живеење. За имунизација се решиле пред се за сопствена заштита. Велат процесот тече брзо и без некое поголемо чекање.

Освен на терен непречено се одвива и слободната вакцинација на пунктот во Струмица како и ревакцината на лицата кои веќе примиле прва доза. Според информациите од здравствениот дом само денеска во струмичко се аплицирани над 800 вакцини. Од нив 527 биле ревакцина, а останатите прва доза.