Свет
4. November 2020 - 11:49

Расте бројот на заразени во Италија

Во Италија повторно расте бројот на новозаразени со коронавирусот, а експертите предупредуваат дека новата фаза на епидемијата може да се претвори во цунами што целосно ќе го парализира здравствениот систем.

Во последните 24 часа во Италија се регистрирани 28.000 новозаразени со коронавирус, што е за 6.000 повеќе од претходниот ден.

Во моментов, повеќе од 400.000 Италијанци се позитивни на Ковид-19, пишува агенцијата Анса.

Претседателот на Федерацијата на медицински комори на Италија, Филипо Анели, на својот официјален профил на Фејсбук напиша дека лекарите стравуваат дека новата фаза на пандемијата на коронавирус не е само бран на плима, туку дека може да биде вистинско цунами што се заканува целосно да го парализира здравствениот систем.

„Бараме од владата итно да преземе строги мерки на заштита, бидејќи поради зголемениот број на ковид-пациенти во болниците недостасуваат кревети за оние кои имаат други болести и се плашиме дека наскоро нема да можеме да гарантираме третман на сите кои имаат потреба“, рече тој.

Доколку состојбата не се подобри, повеќе нема да можеме да ја контролираме, предупреди д-р Анели.