Македонија
6. July 2022 - 16:44

Расте бројот на нови случаи, Македонија се уште во зелената ковид зона

Од денеска почнува имунизација и со четврта доза против Ковид-19. Вакцините на Фајзер и Модерна можат да ги примат сите постари од 18 години а препораката на Комисијата за заразни болести е посебно насочена кон хронично болните, онколошките пациенти и оние со трансплантирани органи како и постарите од 60 години.

-Препорачаното растојание меѓу трета и четврта доза односно бустер е најмалку четири месеци. Државата располага со доволно количини на вакцини, вели д-р. Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.

Препораката за четвра доза доаѓа во време кога има голем пораст на бројот на новодијагностицирани со Ковид-19. Денешната статистика покажува дека секој трет тестиран е позитивен, меѓутоа нема наплив на пациенти во болничките капацитети. Лекари велат дека голем број од заразените вирусот го поминуваат на нога.

-Многу фактори влијаат каква ќе биде клниичката слика...стекнатиот имунитет, вакцинацијата која иако кај нас е сеуште на ниско ниво, но и начинот на третман во болниците...Деновиве треба да добиеме информација од институтот за секвенционирање дали новите варијатни ги има кај нас, вели Мехмедовиќ.

Согласно параметрите спроед кои се раководи Комисијата за заразни болести, во моментот земјата е во зелена зона кога нема оптовареност на капацитетите. Меѓутоа доколку се премине во портокалова или црвена фаза, советодавното тело на министерот за здравство може и ќе препорача враќање на дел од првентивните мерки за заштита на населението.