Бизнис
16. September 2019 - 9:02

Растат приходите од комуналии во Куманово од издадени одобренија за градби

Општина Куманово во првата половина од тековната година собрала повеќе од дваесет милиони денари врз основа на комуналии за издадени одобренија за градење во однос на првите шест месеци од минатата година, соопштија надлежните од секторот за урбанизам.

Просечно, дневно во секторот се парафираат по осум барања за одобренија за градење, дел за куќи, дел за домување во станбени згради. Приливот од над 27 милиони денари остварен во првата половина од годината претежно е направен од издавањето одобренија за градба на згради, иако во оваа сума е вметнат и приливот од издавање одобренија за изградба на куќи.

Од почетокот на годинава досега се издадени четири одобренија за згради.

– Сакам да ги демантирам гласините што се шират и во градот и меѓу градежниците дека во Куманово не се гради. Напротив, се гради. Доказ е пресекот од прилив врз основа на комуналии од издадени одобренија за градење за првите шест месеци споредено лани и годинава, изјави овластената раководителка на секторот за урбанизам Емилија Сларидис Јаневска.

Лани, за првите шест месеци, од 1 јануари до 30 јуни 2018 година врз основа на комуналии приливот во Општина Куманово изнесувал седум милиони 507 илјади 731 денар, додека оваа година во првата половина врз иста основа се собрани 27 милиони 748 илјади 701 денар.

– Разликата е за 20 милиони денари, потенцира Сларидис Јаневска.

Дневно се парафираат по осум одобренија за градење што се распределуваат на двајцата службеници во секторот што работи на одобренијата.

Од секторот велат дека интерес за градење има во сите реони од градот. Сепак, најмногу згради се градат на булеварот „Октомвриска револуција“, во населбата Гоце Делчев и централното градско подрачје, а куќи повеќе во населбите Перо Чичо, Бедиње, Бајрам Шабани, Тоде Мендол.

– Советот на Општина Куманово пред извесен период донесе одлука со која се ограничија условите за градење на станбените згради, со цел да се добие поквалитетен живот за граѓаните, со која се предвидува со 50 проценти степен на изграденост да се ослободи просторот за 20 проценти зеленило, а потоа беше донесен и законот за задолжително 20 проценти зеленило на градежна парцела, со што ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, вели Сларидис Јаневска.

Во постојните индустриски зони, пак, Доброшане и Карпош информираат од секторот има интерес за доградба и изградба на нови капацитети. Во Доброшане има издадено три одобренија за градење нови индустриски капацитети. За оваа зона во изработка е и линиски инфраструктурен проект за гасификација. Во зоната во населбата Карпош има интерес за доградба на постојните капцитети. Во новата зона што се гради со средства одобрени од Владата веќе се гради патната инфраструктура, атмосферската канализација.

– Има интерес за парцелите, објавата не ја правиме за јавно наддавање, сакаме да се изгради дел од инфраструктура и да се зголеми вредноста на земјиштето, со што сите средства ќе бидат реинвестирани во индустриската зона, вели раководителката на секторот.

За добивање одобрение за градење за куќи во Куманово во опфатот на ГУП во зависност од зоната се плаќаат комуналии од 2.600 до 3.200, додека за згради од 3.000 до 3.600 денари.

Александра Максимовска/МИА