Македонија
30. September 2020 - 16:46

Расправија на Инфективна причина за отказот на трите медицински сестри

Расправија на повисок тон е причината Дивна, Зорица и Силвана да ги соблечат скафандерите и да поднесат барање за отказ до директорката на Инфективна. Трите медицински сестри од денеска се на одмор по чие завршување ќе одлучат дали ќе ги заборават кавгите со дел од лекарите и ќе се вратат на клиниката. Нивните отказни барања синоќа завршија на социјалните мрежи и предизвикаа бура од реакции. Тие се првите здравствени работници кои сакаат да ја напуштат работата среде пандемија со корона вирусот и тоа во установата која е еден од столбовите за третман на пациентите со Ковид-19. Министерот не знае дали успеал да ги предомисли, но на утринскиот состанок со нив им укажал дека ја разбира нивната нервоза и премореност. Вели дека не планирале да одат во приватна болница.

-Свесен сум дека работат под притисок, дел од нив се исцрпени, често работат по 24 часа, и една стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации, како што бил случајот сега, комуникација на повисок тон. И утрово ми кажаа дека сега апсолутно сите жалат. Ќе направам се за да не дозволам било кој од јавното здравство да замине поради проблем кој може да се менаџира. Се сложија дека ќе го искористат одморот, а потоа ќе се договориме за начинот на кој ќе бидат вклучени во битката со коронавирусот, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Колку само кавга е причина за прелевање на чашата и некој по 28 годишно работно искуство да даде отказ? Според информации на Сител, освен трите медицински сестри и други вработени на клиниката имале несогласувања со дел од раководните лица околу начинот на работење. Случајот на Инфективна само ги извади на површина проблемите со медицинските сестри и од здружението -За нас, му порачаа на Филипче дека со индивидуални случаи нема да ги реши проблемите. 

Во моментов границите се затворени, но голем број на медицински сестри не чекаат, тие се подготвуваат и кога ќе заврши пандемијата ќе има огромен одлив. Тие полагаат завршни испити и го чекаат моментот да си заминат, изјави Гордана  Бешлиовска, претседателка на За нас.  

Друг проблем во оваа корона криза за здравствениот персонал е што медицинските сестри не смеат да се пензионираат и тоа до декември.