Балкан
4. March 2021 - 14:03

Рама најави масовна вакцинација во периодот од март до јуни

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека во пролетните месеци во Албанија се очекува да се одвива масовна вакцинација против Ковид-19.

– Повторувам дека очекувам добра вест многу брзо, не од небо, ниту од невозможната добротворност на ЕУ, туку од упорност и постојана ангажираност како питачи. Во март, април, мај и јуни ќе имаме масовна вакцинација, која, како со секира, ќе го пресече синџирот на инфекции и што ќе ни овозможи делумно, но значително ослободување од големиот товар на вознемиреност, несигурност, грижа, за нашите најблиски, најмили луѓе, за старите лица и оние со хронични заболувања, рече Рама.

Тој ја обвини опозицијата, нарекувајќи ја трагикомична коалиција, бидејќи не  може да и се верува во тешките времиња на соочување со невидливиот непријател.

– Тестови, тестови, тестови… Сè одеше според планот. Денеска имаме четири лаборатории, имаме брзо тестирање што се изведува во 55 пунктови. Зголемен е бројот на теренските екипи и епидемиолози и гарантирано е дека 90 отсто од сомнителните се откриени, тестирани и ставени во изолација во рок од 48 часа, додаде Рама.

Што се однесува до оние кои го критикуваат дека ги дочекува вакцините на аеродром, тој рече дека е лесно да се исмева, но вакцинацијата сè уште трае за старите лица.

– Не успеавме да го решиме целиот проблем, но започнавме со вакцинирање поинаку од другите земји во регионот, освен Србија. Другите земји немаат ниту датум за пристигнување на вакцините. До оние кои се потсмеваат на тоа што сме ги дочекувале кутиите со вакцини на аеродром, тоа беше ден на славење, ослободување, излез од товарот да се чувствувате понижени. Исто така и друга земја, сестринско Косово, сè уште нема ниту една доза во рамки на своите граници, посочи Рама.

Тој ја нагласи посветеноста на Владата за заштита на здравјето на албанските граѓани, истакнувајќи оти немало ниту една вакцина против сезонски грип во 2013 година, а во 2020 година бесплатно биле имунзирани 368.940 граѓани, што е четирипати повеќе во споредба со 2018 година.