Ракомет
1. January 2016 - 16:10

Ракометарите утре ги продолжуваат подготовките

Ракометната репрезентација на Македонија утре попладне треба да ги продолжи подготовките за претстојното Европско првенство во Полска, кое почнува на 15.јануари. Нашата селекција последните три дена (28-30.декември) тренираше комплетна под надзор на селекторот Ивица Обрван. За репрезентативците сега ќе треба да следува и делот од подготовките каде покрај тренинзи ќе бидат одиграни и четири натпревари.
Во Скопје, Македонија ќе одржи уште два тренинга и потоа следуваат контролните натпревари со Словенија на гости. На 4.јануари Македонија во Кршко ќе игра против Словенија (почеток 18 часот), а следниот ден двете селекции ќе одиграат нов натпревар во Цеље (почеток 18.30 часот). 
За очекување е селекторот Обрван во пресрет на дуелите со Словенија да направи и кратење на листата на играчи бидејќи сега на тренинг се наоѓаат 23 играчи, а во Полска ќе патуваат 16.
По враќањето од Словенија на 6.јануари играчите ќе имаат уште два слободни дена, а новиот собир ќе биде на 8.јануари и потоа ќе следуваат и последните два контролни дуела со Црна Гора во Скопје на 10 и на 11.јануари.