Радев: Веќе немам доверба во бугарската Влада
Од денеска официјално немам доверба во Владата, која не дејствува во интерес на бугарските граѓани, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во обраќањето до нацијата.
– Веќе три години ја повикувам Владата да работи одговорно и ефикасно во интерес на бугарските граѓани. Не го правев тоа како политички опонент, туку како шеф на државата, со мисла и грижа за иднината на Бугарија. За жал, тоа не се случи. Сега сме сведоци на голема криза во владеењето на сите нивоа, оцени Радев.
Тој оцени дека недостигот на волја за реформи и за борба против корупцијата, системското погазување на законите и моралот ја довеле Бугарија до парализа на целиот општествен систем и институции, што според него, е случај без преседан во бугарската историја, пренесува БГНЕС.
Радев потсети дека жителите на Перник и на околината се оставени без вода, за што владиниот кабинет одбил да преземе политичка одговорност.
„Истрагите на странските медиуми и институции фрлија светло на управувањето со отпад и горењето странски отпад кај нас, што ги труе нашиот воздух и природа. Бугарија не е депонија и никој нема право да се коцка со здравјето на Бугарите со цел да профитира грст бизнисмени со државна заштита“, критикува Радев.
Бугарскиот претседател, исто така, тврди дека Владата вршела притисок за реформа на Монетарниот одбор, за што Бугарите, според него, чекаат јасни објаснувања. – Законодавството станува заложник на лоби интереси, а сиромаштијата и нееднаквоста се продлабочуваат, истакна Радев.
– Се тргува дури и со националниот суверенитет во име на лична политичка корист, обвини шефот на бугарската држава.
– Институциите што се повикани да бидат независни и да го поддржуваат законот, први го прекршуваат, станувајќи инструмент на власта. Државните органи си дозволуваат да ги заплашуваат неистомислениците и демонстрантите. Постои организиран напад врз граѓанските слободи. Оваа Влада и администрација води до пропаѓање на државноста и не лишува од нашата иднина како нација. На сето ова мора да се стави крај, потенцира Румен Радев, потенцирајќи уште еднаш дека веќе нема доверба во Владата.
– Драги сонародници, денес поделбата не е на леви и десни, престолнина и провинција, туку меѓу корумпираната власт и милиони чесни Бугари. Во борбата за одбрана на нашите права, јас сум со вас. Иднината на Бугарија е слободна, европска земја во која граѓаните не се плашат од репресија, туку се потпираат на закон и морал, поентираше Радев и повика на обединување заради правдата и државноста – за доброто на Бугарија.
Ново на Сител
-
Ковачевски од Демир Капија: СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата
-
Силен земјотрес ја стресе Турција
-
Покрај отстапката на властите сите локални избори да бидат на 2 јуни, опозицијата се уште без став дали ќе излезе на избори
-
Николоски: На овие избори се одлучува дали Али Ахмети ќе продолжи да газдува со Македонија
-
За 3 дена во странствo ќе заработам како за 3 години тука | Ана Марија Јанковиќ | Sitel Podcast 027
-
Дачиќ за Бујар Османи: Интересно е дека Пендаровски не бил информиран за резолуцијата за Сребреница
-
Столтенберг: НАТО работи на испраќање повеќе ПВО системи во Украина
-
Бислими: Српската страна не нуди идеи за решавање на проблемот на употребата на динарот на Косово