Македонија
8. November 2015 - 16:44

Работодавачите задоволни од владините мерки

Владината мерка со која државата го презема товарот и ги плаќа придонесите за работниците што ќе ги менуваат родилките претставува значително олеснување за работодавачите. Светлана Илиевска, сопственик на приватна стоматолошка ординација вели дека за неа и за работодавци е особено битно што освен платата што треба да ја исплатат немаат други трошоци за заменските работници. На нив им даваат шанса да се стекнат со работно искуство, а жените што се на породилно имаат гаранција дека ќе се вратат на своето работно место.

Илиевска истакна дека во иднина доколку има потреба да го прошири својот тим, предност ќе има заменската работничка која веќе ќе има стекнато искуство.

Пред два месеци Владата ги усвои законските измени со кои државата ќе ги покрива придонесите за заменските работници додека жените се на породилно. Газдите се обврзани по истекот на породилното отсуство на работничката да ја вратат  на работа. Со оваа мерка се настојува да се минимизира мобингот врз бремените жени а државата го стимулира зголемувањето на наталитетот.

Се донесе и решение со кое работничките што ќе родат близнаци тројка или повеќе деца одеднаш ќе имаат 15 месеци платено породилно отсуство. Сите мајки пак по враќањето на работа имаат право на неплатено родителско отсуство до три месеци се додека детето не наполни 3 години.