Македонија
6. April 2018 - 16:17

Работодавачите не исплаќаат К-15 на жените кои биле на породилно

По јавната реакција дека некои членки на организацијата на работодавачи не исплатиле К-15 на жени на породилно отсуство, првиот човек на организацијата Ангел Димитров, смета дека тие постапиле правилно. Во општиот колективен договор стои дека К-15 или надомест за користење на годишен одмор може да го користи вработено лице кое работело 6 месеци во календарската година, прецизира Димитров.

- Ние сега при евентуалните нови измени на општиот колективен договор, само можеме, за да биде уште попрецизно да кажеме ефективна работа, затоа што мислевме кога ставивме во Законот 6 месеци да работел, дека работникот 6 месеци да доаѓал на работа, без разлика дали е тоа со прекин или без прекин-изјави Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Единствена која го толкува општиот колективен договор, каде е предвидено правото на користење на К-15, е комисијата формирана од Сојузот на синдикатите и Организацијата на работодавачи на Македонија.

- Ова толкување од некои, особено невладини организации, го сметаме за нестручно, сакајќи да се додворуваат или да мислат дека се големи хуманисти сами го толкуваат општиот колективен договор како им одговара, додаде Димитров.

Во однос на распределбата на минималната плата од страна на работодавачите кои исплаќаат личен доход после 15-ти во месецот, а конкурирале за надомест на средствата, Димитров смета дека тие ќе им бидат рефундирани, зашто нема значително да го зголеми износот што по овој основ го користат работодавачите.