Свет
20. December 2023 - 9:05

Путин: Треба да се запрат обидите на странските служби кои сакаат да ја дестабилизираат Русија

 Рускиот претседател Владимир Путин денеска повика на решителен одговор на странските специјални служби кои, според него, се обидуваат да ја дестабилизираат Русија „помагајќи му на украинскиот режим“.

– Режимот во Киев, со директна поддршка од странски специјални служби, тргна по патот на терористичките методи, практично тоа е државен тероризам, рече Путин во видео обраќање по повод Денот на припадниците на безбедносните служби.

Тој додаде дека станува збор за „саботажа на цивилни згради, транспортна и енергетска инфраструктура, напади врз цивили и владини претставници“.

Бројни саботажи на железницата во Русија и напади со беспилотни летала му се припишуваат на Киев од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година, пренесува Бета.

– Треба да се запрат обидите на странските специјални служби да ја дестабилизираат политичката и социјалната ситуација во Русија, рече Путин.

Тој додаде дека безбедносните служби немаат лесна задача, но оти имаат потенцијал да ја обезбедат безбедноста на државата, општеството и граѓаните на Русија.