Македонија
9. July 2018 - 14:35

Пуштена во употреба Пречистителна станица во Ново Коњарево

Во село Ново Коњарево, во општина Ново Село, денес е пуштена во употреба мала пречистителна станица за третман на отпадните води.

Објектот во употреба го пуштија постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техеда, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев.

За амбасадорката на Швајцарија, чија земја ги обезбеди потребните 300 илјади швајцарски франци за изградба на Станицата, прочистувањето на отпадните води од селото најмногу ќе им помогне на земјоделците за да можат да произведат здрави продукти преку наводнувањето со чиста вода.

- Покрај овој пролет за малата пречистителна станица ние финансираме еден поголем проект кој се имплементира преку УНДП. Главната цел на овој проект е план за интегрално управување со сливот на реката Струмица за да се задржи добриот квалитет на водите кој е од круцијално значење за земјоделците од овој регион, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техеда.

За постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, има две големи придобивки од овој проект.

- Едната е очигледна дека нетретираните води нема да  завршат во реката Струмица, а втората е ова станица да послужи како пример  за мали населени места како ова, кои не можат да се приклучат на големите системи за третман и управување со отпадните води, рече постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон.

Таа додаде дека ваква слична пречистителна станица ќе се гради и во селото Едрениково, во општина Василево.

Заменикот министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, додаде дека Македонија  е една од земјите кандидати за влез во ЕУ која има висок процент на третман на отпадни води, а само овој месец се отвораат три пречистителни станици во вредност од педесетина милиони евра.

- Неколку земји кои се приближуваат кон и ЕУ и земји кои се членки имаат помал процент на третман на отпадни води отколку што би имала Македонија кога ќе се завршат сите проекти кои што се почнати. Очекуваме просецот на преговори со ЕУ да го започнеме со 78 проценти на покриеност и на третман на отпадни води, рече заменикот министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Изградбата на пречистителната станица е дел од Проектот за управување со сливот на река Струмица, кој што го спроведува УНДП во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, министерството за животна средина и просторно планирање, општините од Сливот и други, со финансиската поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.