Македонија
15. August 2015 - 20:24

Пуштена во употреба нова пречистителна станица во Кадино

Премиерот Никола Груевски заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски денеска го пушти во употреба канализацискиот систем и пречистителната станица во населеното место Кадино.

Груевски нагласи дека ова е уште едно од дадените и реализирани ветувања, проект во вкупна вредност од 25 милиони денари со што се решава еден од најголемите проблеми на околу 330 домаќинства од населеното место Кадино.

Покрај реализацијата на овој проект, потенцира Груевски, досега комплетно е изграден системот за канализациска мрежа во Марино, а се работи и на изградба на канализацискиот систем во населбата Илинден.

- Со изградба на овие три системи во Кадино, Марино и Илинден ќе се овозможи одведување на фекалните води од илјада домаќинства со околу 4.000 жители од оваа општина, изјави премиерот Груевски и додаде дека со тоа е направен голем чекор напред во подигнување на квалитетот на живеење во овој регион и полека но сигурно напуштање на стариот систем на фекалните јами.

Министерот Мисајловски информира дека во рамки на проектот за канализациски систем за прифаќање и третман на отпадни води во населеното место Кадино се изградени 65 монтажни шахти и 2.150 метри канализациски цевки.

Според градоначалникот Жика Стојановски, со изградбата на овој сегмент од фекалната канализација кој опфаќа изградба на пречистителна станица со капацитет од 1.250 еквивалент жители и канализациски систем во должина од 3.300 метри се решава проблемот со отпадните фекални води на 330 домаќинства од ова населено место. Пречистителната станица, информира тој, е комплетно автоматизирана и претставува модуларен систем што зафаќа мал простор, има мала потрошувачка на електрична енергија и може да се надградува во согласност со зголемувањето на потребите.

Вкупната вредност на овој проект изнесува 25 милиони денари, од кои 15 милиони денари од буџетот на Општина Илинден и 10 милиони денари средства преку Министерството за транспорт и врски.

Градоначалникот Стојановски искажа благодарност до Владата и премиерот Никола Груевски за поддршката и големиот придонес во развојот на општина Илинден и подобрување на квалитетот на живеење во сите 12 населени места.