Македонија
27. May 2024 - 16:57

Пукање на Пластичарска: Еден загинат, двајца ранети

Вербална расправија, тепачка па пукање со огнено оружје. Еден загинат и двајца ранети е епилогот од вчерашното пукање на булеварот Никола Карев, познат како Пластичарска улица. 

Пукотниците извадија на улица стотина околни жители кои притрчале на помош. 

Веднаш пристигнале првите полициски возила и возилата на итната медицинска помош. 

Најтешко повреден бил 29-годишниот пејач Амар Исмани кој веднаш е пренесен на комплексот клиники каде по еден час им подлегнал на повредите. Во Мајка Тереза завршил уште еден од повредените, а третото лице е префрлено во старата градска болница. 

Истражителите од Јавното обвинителство и МВР доцна во ноќта прибираа траги и докази од црната „алфа ромео“ на која од далеку беа видливи трагите од истрели на задното стакло. До возачката врата оставени беа и бели патики кои припаѓале на една од жртвите.

Мотивите за убиството се уште се непознати, а полицијата трага по убијците.

- Синоќа околу 23:40 часот во СВР Скопје е добиена пријава дека има пукање на булеварот Никола Карев. Пет минут подоцна имаме добиено пријава од клиниката „Св. Наум Охридски“ дека кај нив е донесено едно лице со повреди, а од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е добиена пријава дека кај нив се донесени две лица со повреди од кои на едно од лицата, А.И. околу 45 минути по полноќ, лицето починало, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски. 

Двајцата ранети се во стабилна состојба. Повредениот кој беше однесен на Мајка Тереза бил опериран на Кардиохирургија и е пренесен на интензивна нега на КАРИЛ. Пациентот кој заврши во Стара Градска имал прострелни рани во грбот.

- Кај него е интервенирано после направените испитувања. Огнострелна повреда во предел на грбот, во близина на ‘рбетниот столб. Веднаш е пристапено кон хируршко лекување, направена е операција. Пациентот сабајлево беше стабилен, вели директорот на „Св. Наум Охридски“, Љубен Арсениј.

Убиениот пејач Амар Исмани творел на албански јазик. На неговиот канал на Јутјуб поставени седум песни, дел од нив соработки со артисти од Албанија и Косово. Преку социјалната мрежа Фејсбук се прости. Исмани е погребан денеска на гробиштата во Бутел.