Македонија
21. February 2025 - 21:16

Кочоска: Не може да гледате цени само во еден маркет и да велите пораснаа цените

Замрзнатите цени и маржи ќе дадат ефект, но нема да го решат проблемот со високите цени на долг рок, смета министерката за финансии. Според Кочоска, за реално намалување на цените, на Македонија и треба опширна стратегија, почнувајќи од начинот на субвенционирање во земјоделието, поттикнување на поголемо домашно производство на храна, како и зголемена конкуренција на производителите. Таа се повика на податоци од државна статистика, според кои инфлацијата на храната е само 0.3%.

„Се создава некоја паника во државата, но таа паника не е поткрепена со тоа што го кажува Државниот завод за статистика. Да, тој вели имаме раздвижување на инфлацијата, но не на основните производи. Вие имате опции каде ќе пазарите. Вие не можете да ги земете цените само во еден маркет и да велите пораснаа цените. Ние треба да гледаме каде пазариме и какво раздвижување имаме. Пред две недели кога земав една табла јајца, продавачката ми вика сите коментираат за цената на јајцата колку оди, кај нас не е мрдната од минатиот Велигден“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

Првиот човек на сојузот на стопански комори вели за цените не се одговорни само маркетите.

„Тоа е еден цел ланец, маркетите се само последната карика. Имате увозници и производители кои ја креираат основната цена. Три карики ја формираат основната цена која ќе се најде на рафтот“ – Трајан Ангелоски, ССК

Вчера комисијата за заштита на конкуренцијата извести дека четири големи ланци маркети меѓусебно нелегално договарале цени. Се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да земаат стока од добавувачи кои ќе достават нови ценовници, поради што е поведена прекршочна постапка.

Инаку од вчера се во сила замрзнатите цени на 8 групи основни производи и ограничените маржи на околу 100 групи продукти кои ќе важат до крајот на април.