Првпат во Македонија изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај четиригодишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Како што информира Министерството за здравство, интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
- Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови, вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
- Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем, истакнува Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.
МИА
Ново на Сител
-

Г7 пушта до 100 милиони барели нафта и дизел од резервите за да ги намали цените
-

Од декември построги услови за кредит
-

Македонците со минимална плата можат да купат 19% повеќе храна од пред пет години
-

Директор на „Државна лотарија“ на судењето негираше сознанија за влијание на Груби врз одлуките на Бајрами
-

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром
-

Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник
-

Нарачал 700 грама хашиш од Шпанија да му стигне по пошта во Тетово, го чекале да ја подигне па го уапсиле
-

Утре му истекува притворoт на Јованов - Обвинителството бара да се одбие гаранцијата од 195.820 евра
