Првите индекси од УКИМ за 2019/2020 врачени на бруцоши од ФМУ
Првиот академски час од учебната 2019/2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ симболично почна на Факултетот за музичка уметност каде што индексите на новите бруцоши им ги врачи ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски.
На новозапишаните студенти им порача да учат и да стекнат знаења со кои ќе бидат конкурентни затоа што, како што рече, пазарот на знаење и пазарот на трудот се брутално сурови и бараат квалитет, одличност и извонредност, не признаваат површност и импровизација. Истакна дека направиле вистинска одлука со изборот да студираат на Скопскиот универзитет затоа што дипломите се препознатливи и на меѓународниот пазар на трудот.
-Во наредните четири години ќе се сретнете со сериозни предизвици, но најбитно од сè е да не се откажувате без оглед со колку предизвици ќе се соочите. Учете да бидете трпеливи и да одите напред. Можеби ќе наидете и на одредени тешкотии, можеби ќе имате и сериозни падови и порази. И од нив, исто така, може многу да научите. Вашиот младешки ентузијазам, желба за знаење и изборот на вашите студии се формула за успех, бидејќи УКИМ е познат и признат по својот квалитет, истакна Јанкуловски.
Ги запозна студентите дека универзитетот на кој се запишале е најстариот и најголем во земјава, кој оваа година заокружи 70 години постоење и денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти, како и придружни членки. УКИМ организира настава на повеќе од 480 студиски програми во сите научни области. Рече и дека има долгорочна билатерална соработка која ја остварува со 180 странски универзитети. Им порача на новите студенти и да се охрабрат да ги искористат можностите за студентска мобилност преку програмата Еразмус+ кои им ги нуди УКИМ.
Добредојде на ФМУ им посака и деканот на овој факултет, Живко Фирфов, кој рече дека со тоа што го положиле приемниот испит и се запишале на факултетот, направиле уште еден чекор во остварувањето на нивниот професионален сон.
-Сте избрале убава и достоинствена професија – музичката уметност. Што и да работите во иднина, дали ќе бидете музички творци, истражувачи, изведувачи, педагози, музички уредници, секогаш ќе ја имате со вас креативната енергија и духот на вашите претходници и современици кои ја создаваа и ја создаваат македонската и светската музичка култура. Колку подобри професионалци ќе станете, толку поголем ќе биде и вашиот влог во оваа заедничка работа, рече Фирфов.
Соодветно за факултетот домаќин, кој постои од 1966 година, првиот академски час имаше и музичка програма со настап на хорот „Драган Шуплевски“ и на студенти од инструменталните оддели на ФМУ.
Ново на Сител
-
Бајден и дозволил на Украина да користи американско оружје за напади во внатрешноста на Русија
-
„Неговата смисла за хумор е неверојатна“ напиша Маск за изјавата на Зеленски дека „САД не можат ја принудат Украина“
-
Тепачка помеѓу малолетници во Штип
-
НАТО: Руските напади врз електричната мрежа на Украина ги тероризираат цивилите
-
Мајка и две ќерки нападнале малолетно девојче на свадба во Куманово
-
Победа над Фарски Острови - Македонија прво место во четвртата група
-
Халанд може да стане најплатениот играч во Премиер лигата
-
Објавена агендата на утрешната заедничка седница на владите на Косово и Северна Македонија во Приштина