Први април – Ден на шегата: Скопје во знакот на хуморот, маските и карикатурата

Први април, Денот на шегата, ширум светот се одбележува како ден посветен на хуморот, смеата и безопасните шеги. Во нашата земја, традиционално, најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекари и ликови од цртани филмови дефилираат низ градот, создавајќи ведра и шарена атмосфера.
Градот оваа година повторно ќе биде исполнет со детска радост на манифестацијата „Априлијада“. ЈУ Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, денеска со почеток во 10:30 часот во Градски трговски центар ја организира традиционалната детска програма.
Настанот вклучува ревија на маскирани деца од градинки и основни училишта, танцови точки, настапи на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, солисти од ЗОО Азбука, студијата Бреак А Лег и Марбал, како и „Златните славејчиња“.
Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката.
За крај, публиката ќе ужива во сегменти од детскиот мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ изведени на македонски јазик од студиото Бродвеј јуниор.
Настанот е наменет за деца, родители и поширока јавност, со цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на заедништво. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации.
По повод Денот на шегата, ОСТЕН организира богата програма со изложби посветени на карикатурата, со што целиот месец април го прогласува за Месец на хуморот и сатирата.
На 1 и 14 април, во галеријата на ОСТЕН ќе бидат изложени карикатури и сатирични дела од реномираните автори Димитар Чудо и Мице Јанкуловски. На 21 април, во соработка со Амбасадата на Република Хрватска, ќе биде отворена изложба на карикатури од Хрватското друштво на карикатуристи.
Денот на шегата се прославува различно низ светот. Во Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат до пладне, додека во Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија и други земји, хуморот не познава временско ограничување и трае цел ден.
Први април останува ден кога смеата и креативноста ги сплотуваат луѓето, потсетувајќи нè на значењето на хуморот во секојдневниот живот.
МИА
Ново на Сител
-

Савески: Одлуката за отповикување на овластувањата на обвинителката Ристоска не беше персонална, туку е од организациска природа
-

МФ: Извршен поврат на солидарен данок од 1,219 милијарди денари кон 119 компании
-

Мицкоски: Со 400 кV далновод од ТС „Битола 2” првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи
-

АРМ објави оглас за 300 нови војници
-

Првата пешадиска бригада го одбележува Денот на единицата
-

Случај Ивана и Катја: Наставничката сведочеше за семејното насилство и за последниот училишен ден на девојчето
-

До сабота облачно со дожд, од недела сончево и потопло
-

Ленче Ристоска поднесе оставка од обвинителската функција
