Прва МФЛ: Дербито на шампионите Вардар-Силекс без победник, бодови за Гостивар и Шкендија
Во дуелот на поранешните шампиони Вардар и Силекс одиграа 2-2 во борбен и докрај неизвесен натпревар.
Црвено-црните предводени од новиот тренер Васоски ги посакуваа првите бодови во првенството и шансата им се отвори откако Силекс остана со играч помалку по исклучувањето на Љамалари кој направи пенал врз Омерагиќ а Мицевски обезбеди водство од 1-0 за домашниот тим.
Но и во таква ситуација гостите од Кратово не се помирија со судбината и со евроголот на Ангелески на стартот од вториот дел израмнија на 1-1.
По овој гол на Силекс следува нов притисок на Вардар и по несигурната интервенција на гостинската одбрана Велкоски носи ново водство за црвено – црните.
Но не за долго бидејќи екипата на Горазд Михајлов направи нов обид и Ефтимов по еден корнер постигнува гол за израмнување на 2-2 што и покрај обидите на двата тима да дојдат до победа на крајот беше конечен резултат.
Прва прволигашка победа за Гостивар кој славеше со 2-0 против Работнички на домашен терен. Стрелци на головите за новиот прволигаш беа Потук во првиот дел и Селмани во вториот.
Со 2-0 победи и Шкендија во пресметката со Брегалница. Сините беа поразени со головите на Аганспахиќ и Дита постигнати во второто полувреме со што лигашот од Тетово со максимален успех најавува атак на нова шампионска титула. Македонија ЃП и Шкупи во скопското дерби одиграа без голови.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар