Свет
26. July 2016 - 8:43

Прв случај на бебе родено со микроцефалија во Европа

Една жена во Шпанија, која била инфицирана со вирусот Зика, родила бебе со микроцефалија, јавуваат шпанските медиуми.

Ова е прв случај на вакво породување, во Шпанија и во Европа, во кое бебето има недоразвиен мозок и помала глава од обично.

Шпанските лекари уште во мај откриле дека фетусот во мајчината утроба е зафатен со микроцефалија, но родителите не дозволиле абортус и побарале мајката сепак да се породи.

Шефот на породилниот центар на болницата во Барселона, каде е извршено породувањето, Феликс Кастиљо им изјавил на домашните медиуми дека виталните органи кај новороденчето се нормални и стабилни, но дека детето се наоѓа под строг и постојан надзор.

Според Министерството за здравство во Шпанија се регистрирани 190 случаи на заразени со вирусот Зика. Од нив во 189 случаи станува збор за инфицирање здобиено во странство, а само во еден случај, вирусот бил пренесен преку сексуален однос.

Жената која прва во Европа роди бебе со микроцефалија, им рекла на лекарите дека се заразила при патување во странство, но не се открива за која земја тоа се случило.

Најголем број заразени со овој вирус има во земјите на Латинска Америка и посебно во Бразил, од каде за прв пат се разбра за вирусот.

Тој се пренесува преку каснување од комарец, но најновите истражувања покажуваат дека може да се пренесе и преку сексуален однос. Симптомите од болеста се слаби и често пати незабележливи, но утврдено е дека се најопасни за бремените жени.

Светската здравствеа организација (СЗО) претходно предупреди дека околу 93 милиони луѓе може да бидат заразени со овој вирус, меѓу кои и 1,6 милини бремени жени.