Македонија
15. јуни 2020 - 17:00

Протоколот за работа на хотелите помина на Комисијата за заразни болести, на ред е владиниот филтер

Лица кои не се од исто семејство не мора да држат дистанца ако престојуваат во хотел. Готови се протоколите за работа на туристичките капацитети. Според нив, ако лицата се сместени во иста соба не мора да седат на два метри во ресторанот.

Таму пак веќе нема да има шведска маса, туку еден келнер ќе врши послужување на храната. Препораката за една маса на 10 метри кавдратни и растојание од два метри важи и тука. 

Исто како и сите протоколи, и овој превидува честа и целосна дезинфекција. Вработените во хотелите ќе треба да добијат посебна обука за работа во услови на корона криза, а постарите работници и хронично болните се препорачува да добијат нови работни места, за да не бидат во контакт со гостите.

Гостите пак и две недели по престојот во хотелот, доколку заболат од Ковид-19 се обврзуваат да се јават и да ги известат менаџерите.

Протоколот за работа на хотелиерите беше усвоен утрово од страна на Комисијата за заразни болести. Најверојатно веќе утре ќе биде усвоен на владина седница и надлежните очекуваат дека сместувачките капацитети ќе почнат со работа до крајот на неделата.

Хотелите престанаа со работа во март, на почетокот на Корона кризата. Аналитичарот Клековски вели дека хотелите не се затворени со уредба со законска сила и прашува по кој основ и натаму не работат и се казнувани. Според него, Уредбата се однесува само на објекти во кои се служи храна и кафетериите.

Од Пазарен инспекторат пак велат дека сместувачките капацитети спаѓаат во кареготијата угостителски објекти соглансо член 18 од законот за угостителска дејност. По тој основ добија и соодветни пријави сите кои изминатиот викенд имале гости.