Македонија
26. September 2020 - 17:03

Протест против полициската бруталност во Битола

Денеска во Битола се одржа протест против полициската бруталност. Протестот беше организиран од невладината организација Аваја заедно со неколку организации од Битола. Со скандирање „Нема правда, нема мир“ почнаа од местото каде што се случи инцидентот, во близина на поштата во Битола каде според видеото кое се рашири на социјалните мрежи, полициски службеник тепа граѓанин од ромска националност после направена сообраќајка. Оттука упатија порака - истото да не се повтори.

-Да немаме повеќе говор на омраза, по социјалните мрежи веќе не наликуваме на луѓе, ги молам сите ова да не се етикетира врз основа на полицитичка, национална или верска основа, ние сме туак да живееме заедно како досега со векови и децении, ова е мал чекор кој го правиме ова да не се случува во иднина, вели Самедин Канановски, НЕВО ДРОМ.

На протестот беа присутни и лицата кои беа дел од инцидентот.

-Страв и трепет уште имам, не можам да спијам, многу сум возбуден и ќе се борам да ја добијам оваа правда, изјави Сафет Велиоски.

Невладините организации ја поздравија брзата реакција на премиерот и министерот за внатрешни работи и преземените мерки. Но, апелираа и да престане дискриминацијата кон Ромите за која велат дека е најголема во Битола.

-Град каде што најмногу дискриминацијата ја чувствуваме. Упатувале апел да престанат дискриминирачките гестови коишто полицијата ни ги прави, не смао полицијата и сите јавни институции, а тоа најдобро го чувствуваме Ромите, изјави Рамадам Рустемов, Ромско јато.

Во знак на помирување, на полициските службеници присутни на протестот им подарија цвеќиња.

-Овие млади деца треба да ги гледаат полицајците како заштота, а не како свои непријатели. Овој гест го правиме во знак на помирување, би сакале да не се случуваат вакви немили настани и подобра иднина за сите, изјави Ремзи Медик, Баирска светлина.

Оттука преку Широк Сокак, продолжија да протестираат до зградата на СВР Битола каде беа упатени неколку пораки.