Македонија
26. November 2026 - 16:31

Нов претседател и нови судии за Уставен суд

Уставниот суд ќе добие нов претседател. Дарко Костадиновски на функцијата требаше да остане до јуни идната година, но поради истек на неговиот деветгодишен судиски мандат во јануари, Уставен предвреме ќе избира претседател.

„Претседателот на судот, Дарко Костадиновски на колегиум одржан на 2 ноември ги извести судиите за динамиката на состаноците и седниците. Меѓу нив и за изборот на нов претседател на Уставниот суд на седница која ќе биде одржана на 2 декември“, соопшти Уставен суд.

Судискиот мандат на Костадиновски истекува на 11 јануари. Истиот ден од Уставен заминува и Осман Кадриу. Испразнетите места треба да се пополнат со имиња предложени од Претседателката на државата, а ги избира Собранието.. Според собранискиот спикер, Сиљановска-Давкова веќе разговарала со потенцијални кандидати за уставни судии, па Гаши очекува изборот наскоро да се реализира.

Во меѓувреме, собраниската комисија за изборите и именувањата, ја предложи гостиварската судијка Теодора Ефтимовска-Бојковска за нов член на Уставниот суд. Таа треба да го пополни местото на Гоце Наумовски кој поднесе оставка во јули годинава.

Последниот избор на претседател на Уставниот суд во јуни 2024та, траеше три дена.. Судиите гласаат осумпати, а во трка вкупно беа четворица кандидати. Дел се откажаа по што Костадиновски обезбеди мнозинство.