Протест на медицинските сестри во прилепската болница
Медицинскиот персонал од прилепската болница кој што е вработен со Договор на дело денеска преку мирен собир упати апел до Министерството за здравство за итна трансформација на работниот однос со нивно вработување на неопределно време. Велат дека во прилепската болница има над 100 лица со Договори на дело, некои од нив биле и по 7 години со ваков нерешен статус.
„Како прво и основно ние работиме во здравствена установа, а немаме здравство. Тоа е апсурд за сите оние кои работат на Договор на дело. Тоа е кардинална грешка што се случува во државава“, вели Благоја Јагуриноски, возач во општа болница Прилеп.
„Јас сум тука 6 години, сега почнувам седма година, немаме никакви бенефици. Тука околу мене колегите се исто по 4,5 или 6 години. Најбитно е да ни се реши статусот да знаеме што да правиме. Доколку овие луѓе што се овде застанат нема да функционираат одредени работи“, додаде Томе Бошкоски, болничар во општа болница Прилеп.
Дел од персоналот кој што е со години вработен се заканија дека ќе си заминат од работа ако продолжи игнорантскиот однос кон нив. А во моментов немале потпишано дури ниту Договор на дело.
„Ако вака продолжи искрено јас планирам да си заминам. Не губам јас ништо, губи болницата , губат пациентите, можно е да решам да заминам и надвор од државава“, истакна Мита Стојкоска, болничарка во општа болница Прилеп.
„Нашиот статус сега не е никако решен, немаме ниту потпишани договори“, рече Мартина Маркоска, медицинска сестра во општа болница Прилеп.
„И доаѓаме на работа без ништо“, додаде Мимоза Попоска, медицинска сестра во општа болница Прилеп.
„Доаѓаме без здравствено, без пензиско, имаме колешки 10-тина што напчиот Договор е на минимална плата дури и некои и под минимална плата, а работиме и ноќни смени, празници, а не е ништо платено, а бидејќи немаме Договори може и да не земиме плата“, додаде Мартина Маркоска, медицинска сестра во општа болница Прилеп.
Од прилепската болница велат дека ги поддржуваат своите колеги и дека бараат Министерството за здравство што побрзо да го реши нивниот статус.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар