Производителите на ориз се закануваат со нови протести
Оризпроизводителите од Кочанско повторно се заканија со протести и блокада на екпресниот и регионалниот пат Штип-Кочани, доколку во рок од 3 дена не остварат средба со Премиерот или министерот за земјоделие. Редовните субвенции не се исплатени, а исплатата на 3 денари по предаден килограм арпа за кои добија ветување дека ќе им бидат на сметките во август, доцни веќе 6 месеци.
- Нам ни е ветувано се и сешто, меѓутоа на крајот ништо не се исполни. Тоа ќе придонесе до напуштање на површините до 50 %, а бројот на млади земјоделци рапидно ќе се намалува, што значи дека нам ни се заканува глад и кочанскиот ориз ќе згасне на овие полиња- изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево.
Велат дека се изманипулирани, зашто откупната цена е пониска од производната, која пак, ја утврдиле лица кои не се запознаени со проблематиката.
- Бараме реконструкција во Министерството за земјоделие, да дојде земјоделец, кој ќе го води земјоделието, кој ќе го управува и таму да има земјоделци кои ќе помогнат, ако треба и бесплатно, само да ги кажат проблемите- изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Проблемот е премногу сериозен, бидејќи не рентабилното оризопроизводство од година во година го забрзува процесот на депопулација на кочанските рурални средини.
- Се дава предност на некои проблеми, а се заборава на народот. Што ќе ни е нам држава, кога народот ќе го нема- додаде Ташовски
Со ваквиот пристап на државата кон производителите на храна, стравуваат дека полињата ќе останат пусти, а тие без основни средства за егзистенција.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар