Македонија
25. November 2015 - 14:03

Прогласени најдобрите угостителски објекти во Скопје

„Мексикански Амигос“, „Буши“  и „Венето“, кои го делат второто место поради остварен ист резултат и „Маргер“ се избрани за најдобри ресторани за годинава, а најдобри три гостилници се „Канцона“, „Бисера Ив“ и „Рори“ (Ројал Рустикана). 

Проектот за избор на најдобри угостителски објекти го спроведуваше Град Скопје во соработка со Агенцијата СВОТ ДООЕЛ. Овој проект се спроведува  осум години, а плакетите на  најдобрите три гостилници и најдобрите три ресторани денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Изборот на најдобрите е направен врз основа на извештаи на тајните купувачи агажирани од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ, кои посетиле 100 угостителски објекти.

Со проектот и годинава биле опфатени 50 ресторани и 50 гостилници на територијата на градот Скопје, кои со вкупно 300 посети, или секој по три пати, се оценуваа според следниве  критериуми - прв контакт со вработените, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храната и завршен контакт на вработените со гостите.

- Целта на манифестацијата „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2015“ е да се издвојат најпрестижните и најдобрите ресторани и гостилници во градот, што секако ќе биде поттик за подобрување на квалитетот на услугата, односот со гостите, како и на целокупниот амбиент во сите угостителски објекти во Скопје. Тајните купувачи, ангажирани од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ-Скопје ги завршија трите обиколки на 100-те угостителски објекти, кои по случаен избор влегоа во трката за „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2015“, рече при доделувањето на плакетите на наградените.

Појасни дека тајните купувачи по направената евалуација изготвиле извештаи кои се изработени по одредени критериуми.

- Според изнесените резултати ме загрижува податокот дека имаме пад на квалитетот на услугите, односно при завршниот контакт на келнерите со гостите и им порачувам на сите угостители да ја подобрат услугата, бидејќи ние како Град ќе продолжиме да го организираме овој проект и ќе ги изнесуваме во јавност придобивките, но нема да ги премолчуваме и лошите оценки. Сепак, ме радува фактот што за еден процент, односно од 4 на 5 проценти, се зголемила оценката за давање  фискални сметки во угостителските објекти на територијата на градот Скопје, истакна Трајановски.

Кристијана Ивановска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ-Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето коешто е спроведено во периодот од 1 до 30 октомври, од вкупно 100 угостителски објекти,   15 гостилници и 19 ресторани се со високи, над 90 проценти, исполнети услови и потенцираше дека и годинава ниту еден угостителски објект не забележал ниски резултати, односно под 50 проценти.

Резултатите од истражувањето биле јавно презентирани пред угостителите во форма на заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина.

Проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите произлегува од Програмата за финансирање проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2015 година.