Македонија
10. јуни 2017 - 14:17

Проект за расчистување на речните корита во Куманово

Екипи на  ЈП „Чистота и Зеленило“ и членови на здружението „Кумановски акцијаши“ денеска почнаа акција за расчитување на крајбрежјето на  речното корито на Кумановка, почнувајќи од кај булеварот „Октомвриска револуција“.

 
Екипите на претпријатието и членовите на здружението рачно го чистат насобраниот смет во Кумановка, а сметот се изнесува со механизација на претпријатието. Чистењето на речните корита на Кумановка, Липковка и на дел од Којнарка се спроведува во рамки на проектот на „Кумановски акцијаши“, насловен „Зелено Куманово“.
 
- Крајбрежјето ќе се расчистува од два до три метри, а во расчистувањето се вклучени млади волонтери од Куманово. Во подоцнежна фаза ќе се вклучат и волонтери од Скопје, Охрид, како и  од повеќе градови од Србија и од Босна и Херцеговина, изјави претседателот на здружението, Јусуф Љатифи.
 
Акцијата е поддржана од општина Куманово која достави со потрошен материјал, чизми, ракавици, и дел од опрема.Општината ќе ангажира и градежна фирма која ќе помогне со механизација на транспорт на сметот кој ќе биде собран од речното корито.
 
- Ова е најдобар пример како невладина организација се грижи за животната средина во градот. Но, без разлика на акциите, совеста на граѓаните е клучна за одржување на чиста животна средина. Апелирам до граѓаните да направиме се за зачувување на животната средина. Комуналните инспектори не се во доволен број за да можат да реагираат насекаде во градот. Клучно е совесното однесување на граѓаните, изјави градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски.
 
Најави дека во септември ќе се чистат „дивите“ депонии во градот. Наскоро, појасни, ќе започне и проектот за регулација на речното корито на Липковка кое ќе се спроведува преку проект на УНДП, општина Куманово и Министерството за животна средина и просторно планирање. Чистењето ќе се спроведува во три фази.
 
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Сашо Петрушевски, појасни дека во претходните акциии за расчистување на речното корито, изминатите години биле депонирани по 120 камиони со смет.
 
- Ова јасно укажува колкава количина на смет има во реката и ја покажува негрижата на граѓаните кон непосредната животна средина. Апелирам до граѓаните да внимаваат на своето однесување, изјави Петрушевски.
 
Акцијата ќе продолжи и наредните викенди, а целосно ќе биде вклучени и екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ кои со вработени и механизација ќе работат на расчистување на речното корито.П ретходно „Кумановски акцијаши“ го реализираа проектот „Еко Куманово“ во тек на 42 викенда.