Продолжуваат консултациите за предлогот за тргање на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ
Владини претставници денеска продолжуваат со консултации и информирање на најважните чинители и јавноста за последниот европски модифициран предлог којшто произлезе од фрацуското претседателство со ЕУ и, којшто, доколку биде прифатен од македонска страна, треба да го тргне бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. За напладне е закажана седницата на Советот за безбедност, по чие завршување претседателот Стево Пендаровски и официјално ќе го соопшти својот став за модифицираниот предлог. Според најавите, попладне треба да се случи и средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера преку објава на фејсбук ги демантира како што наведува, лагите и шпекулациите во врска со францускиот предлог, и порача дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија, без никакви фусноти и дополнувања.
– Се појавија многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог. Сакам да бидам кристално јасен: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа со овој предлог. Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија. Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги. Нашата стратегија и план даде резултат, имаме нов предлог кој ги штити нашите стратешки и национални интереси. И во предлогот и во преговорите, нема да дозволиме тие да бидат загрозени. наведе Ковачевски.
Во тој контекст беше и објавата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ кој напиша дека со овој предлог имаме можност да го почнеме преговарачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела ЕУ.
Меѓувладината конференција и скринингот се првите чекори од преговарачкиот процес и кај сите земји членки во просек траеа околу 12 месеци. После тоа, појаснува тој, следува отворање на првото поглавје, а до тогаш би било потребно внесување на трите нови етнички заедници во нашиот Устав, покрај постоечките седум.
– Имаме можност за чист напредок во европските интеграции со чист македонски јазик и идентитет признаен од целата ЕУ. Тоа го добиваме без никакви условувања или отстапки. Напредокот после скринингот ќе зависи од внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот што е само зајакнување на нашето еднакво мултикултурално општество. Нашиот европски напредок веќе нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија и за кои треба да разговараме, но за кои никој од македонска страна нема да може да биде условуван. Остануваме доследни на нашите интереси и македонските национални цели. Од нас и само од нас зависи, напиша на фејсбук профилот вицепремиерот Маричиќ.
Министерот Бујар Османи вчера имаше брифинг за новинарите на којшто потенцираше дека македонскиот јазик ќе биде еден од јазиците во ЕУ, дека билатералните прашања секогаш биле дел од преговарачката рамки, дека во одредниците е новина тоа што за делот за човековите и малцинските права е издвоен како посебен и дека за тоа ќе има посебен Акциски план.
Османи изјави дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него. Тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Својот став Бугарија ќе го искаже во изјава која ќе влезе во записникот при усвојувањето на рамката, а според него, таа ќе биде изјавата што беше срочена во рамки на Португалскиот предлог.
Бугарија, како што тврди, ќе го искаже во изјава согласно Португалскиот предлог односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти. Тие, според Османи, ќе го кажат својот став како издвоено мислење на состанокот, и тој што прави записник тоа ќе го стави. Тоа, според твдењето на министерот за надворешни работи, не влегува во ниту еден документ. Северна Македонија, вели Османи, во записникот ќе има исто така изјава.
Министерот потенцира дека за јазикот сите шпекулации дека има фуснота, сите шпекулации дека има какви било квалификации во рамката, се неточни и лажни.
-Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Сметајте како ова да е состанок во којшто ја усвојуваме рамката, некој тука ќе каже да, ама јас имам мислење. Записничарот вика кажа вакво мислење, но тоа не влегува во документот, не влегува во заклучоците. Едноставно записничарот пишува дека некој кажал нешто и тоа еднаш и никогаш повеќе. Тоа е португалскиот предлог – нема никакви правни импликации по употребата на јазикот, кон интерпретација на јазикот. Можам најодговорно под целосна одговорност да кажам дека ова е чисто прашање и сите коментари по однос на јазикот се лажни, манипулативни од суета, од непознавање и сите други можни аргументи, но вистината е ова – во рамката се официјализира македонскиот јазик како таков и влегува дел од 25-те европски јазици, рече Османи.
Според него, лага е исто така дека билатералните прашања односно дека историските прашања влегуваат сега во рамката, зашто тие биле секогаш дел од рамката. Тој ги спореди германскиот и сегашниот предлог. Османи вели дека Уставот ќе биде отворен, но откако ќе помине првата меѓународна конференција и оти во него ќе влезат Црногорците, Хрватите и Бугарите.
-Добиваме историска рамка да ги почнеме преговорите утре, задутре кога сакаме ние, да почнат да доаѓаат фондови, да смениме курс на државата, рече Османи.
Во делот на одредниците односно патоказот, министерот објаснува дека делот за човекови и малцински права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“.
-Повторно е истата содржина во која што вели: „Северна Македонија низ инклузивен процес ќе подготви акциски план наменет за заштита на правата на лицата коишто припаѓаат на малцинствата и заедниците, вклучувајќи го полето на недискриминација, борба против говор на омраза, образование – се мисли на образование на право, не се шпекулира дека се тоа историски прашања, како и ефективни мерки за идентификување на одговорни институции коишто тоа ќе го гарантираат“. Тоа е во нашиот акциски план за малцински права, нагласи Османи.
Министерот за надворешни работи смета дека предлогот доставен од француското претседателство со ЕУ е добар, ни го отвора патот и ни овозможува да го фатиме последниот воз за ЕУ. Неговото неприфаќање носи ризици за бесперспективност, кризи, меѓуетнички тензии, и заглавување во балканската кал.
Наспроти ставот на владините претставници опозициските партии, но и други партии, експерти и јавни личности сметаат дека предлогот не треба да биде прифатен.
Во Скопје синоќа пред Владата се одржа и протест под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“ против прифаќањето на овој предлог предводен од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, којшто беше поддржан и од други политички партии, граѓански организации и јавни личности кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси. На протестот беа кажани пораки против францускиот предлог, се апелираше тој да не се потпишува, а беа упатени и барања за оставки. Беше повикана Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
-Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина, беше порачано на протестот.
Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.
Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и денеска на исто место и во исто време.
Претседателот на опозициска ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот изјави за медиумите дека „нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме“.
– Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за совоето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни, изјави Мицкоски.
Ќе почекаме, потенцира тој, ако Европа не е подготвена да не прими нас цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин, таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме. – А тоа е Македонија пред и над се, македонскиот идентитет пред и над се, нагласи Мицкоски.
Од Демократскиот сојуз, пак, една од партиите во владината коалиција, побараа протоколот усогласен помеѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија, да не се потпишува, бидејќи е контроверзен и и овозможува на Бугарија директно да се меша во внатрешните работи на Македонија, посебно во идентитетските, историските и образовните прашања.
Ново на Сител
-
Медведев: Русија не сака да употреби нуклеарно оружје
-
Во Мајами уверени дека Меси ќе остане во клубот до 2026 година
-
Расел ќе стартува од првата позиција на Големата награда на Лас Вегас
-
Кристоф Ле Риголер: Да бидеме реални, не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на евроинтеграција
-
Продолжуваат преговорите за пласманот на средствата од унгарскиот заем на стопанството
-
Бајден и Макрон разговараа за прекин на огнот во Либан
-
Владата најави можност за набавка на нови електрични автобуси за одржлив и стабилен јавен градски превоз
-
Остин: Севернокорејските војници наскоро ќе се вклучат во војната во Украина