Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче, сведочи таткото на Вања
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со почеток во 9 часот во Основниот Кривичен суд Скопје со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
На изминатото рочиште, Ѓорчевски рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски.
Одговарајќи на прашања од неговиот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ, Ѓорчевски исцрпно и детално го опиша својот живот, односот со неговото семејство, моментите кога исчезнала Вања и односот со полицијата во текот на истрагата. Ѓорчевски рече дека смета дека дал голем придонес во истрагата и посочи дека претрпел тортура при распитите.
Бранителот на Ѓорчевски во изјава за медиуми по судењето рече дека исказот на неговиот клиент е јасен и искрен, одразувајќи реално учество во настаните. Според Туфегџиќ, исказот на Ѓорчевски успеал да го долови неоснованото обвинение против него, а истовремено допрел и до застапникот на обвинението. Туфегџиќ ја нагласи тортурата вршена врз неговиот клиент, истакнувајќи дека Александар бил воздржан во своите изјави.
Претходно, во процесот сведочеше обвинетиот Велибор Манев кој ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задачата да чува стража.
По Ѓорчевски, на кој денеска прашања треба да му поставува Обвинителството и одбраната на останатите обвинети, треба да биде сослушан и обвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Ново на Сител
-
Честитка од премиерот Мицкоски за изборот на новиот папа Лав XIV
-
Прв говор на папата Лав Четрнаести: Бог нè сака сите, безусловно
-
Девизните резерви на крајот на април 4,77 милијарди евра
-
Македонските ракометари ја совладаа Естонија во евроквалификациите
-
Американецот Роберт Превост е новиот папа, со избрано име Лав 14
-
Кардиналот Ре се надева дека вечерва ќе биде избран новиот папа
-
Скопската полиција на лице место фати криминалци кои краделе во објектите на поранешна Железара
-
Кривична против 39-годишник, ја следел неговата поранешна партнерка и упатувал закани преку пораки