Македонија
26. September 2022 - 12:06

Продолжува судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот

– Со изведување на доказите на обвинението во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Одбраната во своите воведни зборови на минатото рочиште кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.

Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стои во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.