Македонија
12. November 2018 - 9:23

Продолжува судењето за „Монструм“

Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година.

На претхдното рочиште на 25 октомври исказ даваа вештаци вработени во ДНК лабораторијата при Министерството за внатрешни работи. Вештаците кажаа дека во возилото „опел омега“ биде утврдени четири ДНК профили, меѓу кои и на обвинетиот Алил Демири.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите  Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово. Судијата Огнен Ставрев кажа дека Министерството за правда побарало екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ од Косово, но оти се уште нема одговор.

Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка. Семејствата на убиените на минатото рочиште  реагираа за темпото со кое се води случајот, а обвинителката Фатиме Фетаи побара од судот да бидат закажани повеќе рочишта наеднаш.
 
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
 
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.