Свет
25. August 2019 - 10:50

Продолжува самитот на Г7 во Биариц

Самитот на лидерите на Г7 продолжува денеска во Биариц, со расправии за големите разлики во ставовите околу тензиите во светската трговија, излегувањето на Велика Британија од ЕУ и реакцијата на пожарите на Амазон.

Францускиот претседател Емануел Макрон, домаќин на самитот, планираше тридневната средба во Биариц да биде шанса за обединување на индустриски најразвиените земји, кои имаат потешкотии да зборуваат со еден глас во последните години.

Макрон постави агенда за самитот на групата, во која се  Франција, Велика Британија, Канада, Германија, Италија, Јапонија и САД, која вклучува прашања за одбрана на демократијата,  образованието и животната средина и ги покани лидерите на Азија, Африка и Јужна Америка да им се придружат во решавањето на тие прашања на глобално ниво.

Но, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изнесе „тажна проценка за односите“ меѓу поранешните блиски сојузници, велејќи дека е се потешко да се најде заеднички јазик.

„Ова е уште еден самит на Г7 што ќе биде тежок тест за единството и солидарноста на слободниот свет и неговите водачи. Ова е можеби последниот момент за обнова на нашата политичка заедница“, рече Туск пред новинарите пред состанокот.

Пред самитот, Туск и британскиот премиер Борис Џонсон се судрија околу тоа кој треба да биде обвинет доколку Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 октомври, без договор.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој го напушти самитот минатата година не сакајќи да потпише конечна изјава, пристигна во Франција еден ден откако и возврати на Кина со воведување царински такси од пет проценти за кинески стоки во вредност од 550 милијарди долари.

„Досега е добро. Многу ќе постигнеме овој викенд“, им рече Трамп на новинарите додека седеше на терасата со Макрон.

Пред самитот, се одржаа протести на околу 400 антиглобалисти во градот Бајон, во близина на Биариц, при што француската полиција употреби солзавец и воден топ.