Македонија
18. November 2022 - 12:27

Продолжува реставрацијата на најголемиот иконостас во Македонија

Започна втората фаза на реконструкција и реставрација на еден од најначајните иконостаси во Македонија, во врквата Свето Благовешетение во Прилеп, кој е стар над 180 години. Иконостасот е најголем во Македонија и е трет според непроценливата вредност, после иконостасите во црквата Свети Спас во Скопје и Бигорскиот манастир, а го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски – Гарката.

„Значи продолжуваме во првата зона каде што се парапетните плочи и иконите. Има уште нешто да се доврши во тој дел во однос на иконописните дела, а во однос на резбата се продолжува по вертикала нагоре. Комплетна заштита и од внатрешната и од надворешната страна, а наредната година ќе има многу важна фаза, каде пто ќе се направи стабилизација на самата конструкција на иконостасот“, истакна Оливера Макриевска, конзерватор, раководител на проектот за заштита на иконостасот. 

Иконите на иконостасот ќе бидат третирани во друг проект, сега се заштитува само резбата. Ова е втор ваков поголем зафат за заштита на ова ремек дело кој се прави после реставрацијата во 80-тите години на минатиот век.

„Иконостасот е заштитено културно добро и мислам дека со овој начин на работа ќе го заштитиме во крајни можни граници. Затоа што нештото го заслужува тоа и е едно од најубавите во нашите краишта“, додаде Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј Прилеп.

Иконостасот со децении беше оставен без никаква заштита. Носечките столбови се испукани и изедени од црвојадина, а дел од помалите икони кои се на него се тотално уништени. Делови пак од уникатните резби подолг период паѓаа од самиот иконостас, а свештениците ги собираат и ги чуваат во посебна просторија. Сега сите се со надеж дека со овие зафати конечно ќе се заштити едно од највредните вакви дела не само во Македонија, туку и пошироко.