Сеидбата на ориз под знак прашалник, производната цена вртоглаво расте
За 10 дена треба да стартува сеидбата, но оризопроизводителите се двоумот дали воопшто се исплати годинава да инвестираат. Цените на репроматеријалите рапидно пораснаа, а нафтата го достигна историскиот максимум. Од друга страна, за арпата или нема откуп или се откупува по цена од 18 до 20 денари за килограм, што е далеку од претходно утврдената производна цена која во меѓувреме се покачи.
- Имавме со претходните цени, пред месец или 15 дена, килограм арпа рековме дека ќе чини да се произведе 25 до 27 денари. Денеска веќе ќе чини од 30 до 35 денари, според актуелените цени. Меѓутоа гледаме дека секојдневно имаме раст на цените и не можеме да влеземе во производство. Тешко ќе биде, 35 денари најмалку ќе не чини производната цена за килограм арпа, изјави Тони Максимов, оризпроизводител од Облешево.
Дополнителен проблем беше што временските прилики во текот на жетвата не им беа наклонети, врнежите од дожд го навлажнија родот, а се жнееше и по Нова година. Голем дел од реколтата не можеше да се исуши, па едноставно беа принудени да ја вратат во нивите.
- Откупувачите заедно со фабрикантите извршија силен притисок врз земјоделците, посебно кај оние земјоделци кои имаа ожнеано покасно оризова култура, беше влажна, не беше добра и не сакаа да им ја исушат. Бидејќи само тие имаат индивидуални сушари, ги уценуваа и затоа дојде онаа цена од 18 и 20 денари, по која и денес откупуваат. Меѓутоа, очигледно и тие не можеа да постигнат и голем дел не можеа повеќе да го чуваат и тој ориз, ние велиме се „упалува“ (подникнува) и немаше што да му прават и го фрлаат, додаде Максимов.
Пред две години арпата се откупуваше по цена од 40 денари, а белиот ориз по маркетите се продаваше за 80 денари. Парадоксално, но на штета на оризпроизводителите, денес килограм бел ориз достигнува малопродажна цена од 150 денари, а арпата се откупува за максимални 20 денари.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
