Македонија
15. September 2021 - 19:42

Продолжува дебатата за оставката на Венко Филипче

Со одбивањето да се стави оставката на Филипче на дневен ред во Собранието се штити неспособноста и криминалот на власта. Обвинувањето доаѓа од ВМРО ДПМНЕ, чии пратеници по вчерашниот револт и напуштањето на седницата, се вратија во Собранието за повторно да побараат расправа за Предлог одлуката за разрешување на министерот за здравство.

СДСМ прави театар и деловнички игри со една цел – избегнување на одговорност по големата несреќа во Тетово, велат од опозицијата.

Никој не е венчан за функцијата, одговара премиерот. Го повтори ставот дека одлука за понудената оставка на Филипче ќе донесе по завршувањето на истрагата за која апелираше да биде завршена што побргу.

Она што е сигурно е дека извлековме поуки од трагедијата, вели Заев, дополнувајќи дека се наоѓаме во деликатен предизборен период кој ги комплицира кадровските решенија.

Според Заев, трагедијата од Тетово дефинитивно го разбудило чувството за морална одговорност кај функционерите, но постапката која ја води Основното јавно обвинителство потпомогнато од германските истражители, дефинитивно ќе утврди и кој и дали е крив за големата несреќа која одзеде 14 животи.