Македонија
22. јуни 2019 - 17:02

Продолжи отстранувањето на нелегалните доградби во Старата скопска чаршија

Со полициска асистенција денеска продолжи отстранувањето на диво поставените тераси во старата Скопска чаршија. По истекувањето на рокот во четвртокот, дел од сопствениците во тензична атмосфера изутрината работеа на рушење на нелегалните градби.

По спроведувањето на ваквата акција во Центар, инспекциските служби од општина Чаир извршиле надзор и во Скопската чаршија, по што било утврдено дека речиси сите угостители поставиле летни тераси без дозвола.

Општинските власти велат дека законот е јасен и дека нема да се толерира негово непочитување.

“Според законот ќе смеат да се постават само маси, столчиња и чадори за сонце...”

Од општина Чаир велат дека на нивна територија констатирани се 35 нелегални доградби. Од нив, сопствениците на 29 објекти се огласиле на барањето сами да ги срушат во предвидениот рок, додека шест газди не одговориле на повикот. Општината за нив побарала полициска асистенција и од почетокот на наредната недела ќе бидат преземни мерки за уривање на диво поставените тераси.

Покрај тоа, тие ќе бидат казнити со по пет илјади евра, а сами ќе ги платат и трошоците за рушење.

Позади камерата, револтираните сопственици велат дека општинските власти вршат тортура над нив. Ни рекоа дека меѓу нив има и лица кои се вратиле од странство и кои инвестирале во сопствен бизнис, но наидуваат на вакви административни пречки.

На рушењето на дивите тераси во Скопската чаршија претходеше иста акција и во другите делови на главниот град. Според градоначалникот Петре Шилегов, крајната цел е целосно ослободување на градот од дивоградби.