Приватните стоматолози бараат промена на финансискиот модел и укинување на матичен стоматолог
Здружението на приватните здравствени стоматолошки установи бара да се укине институцијата матичен стоматолог и да се промени сегашниот финансиски модел зашто две третини од стоматолошките установи во земјава се на работ на банкротот и на егзистенцијата, а оптимално е сите да добиваат фиксен надомест од 90.000 денари. Здружението доцна синоќа се сретна со приватните стоматолози од Пелагонискиот регион во Прилеп соопштувајќи ја одлуката на извршниот одбор дека ако се нема слух за барањата, тие на 6 следниот месец ќе протестираат пред Министерството за здравство, но се уште, велат, постои надеж да најдат заедничко решение со надлежните.
Според Жарко Георгиев, претседател на Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори на дентална медицина на Македонија, сегашниот финансиски модел е неодржлив зашто две третини од стоматолошките тимови не може да достигнат до 2 000 осигуреници.
-Со капитацијата не може здравствената установа да обезбеди плати, придонеси за вработените, не може да обезбеди средства за амортизација. Со моделот на капитација, оние здравствени ординации кои имаат поголем број пациенти, стануваат уште побогати, а оние кои немаат доволен број пациенти се на работ на банкротот. Во земјава, со Фондот за здравство договори имаат склучено 1 211 приватни стоматолошки здравствени установи, од кои 860 го имаат проблемот и се на работ на егзистенција. Само 131 стоматолошки тим, во моментов капитираат повеќе од 2 000 пациенти и тие, можеби, во овој момент се задоволни со ваквиот начин на функционирање, со капитација, вели Георгиев.
Проблемот, објаснува, настанува при вкрстувањето на критериумите на Министерството за здравство кое издава лиценци со Фондот за здравствено осигурување: според Министерството, мрежата е воспоставена на 1 000 осигуреници, а Фондот вели дека оптимален број пациенти за една здравствена установа да опстои се 2 000 осигуреници. – Токму тука лежи клучниот проблем. Невозможно е да се обезбедат 2000 пациенти поради демографијата и поради иселувањата од државава. Затоа бараме укинување на институцијата матичен стоматолог, покачување на вкупните финансиски средства за примарната и секундарната стоматологија. Исто така, бараме фиксен надомест за секоја приватна здравствена установа во висина на нејзините реални трошоци, а тоа би било во висина од 90 000 денари. Оптимален е овој модел што го бараме. Пациентите, пак, ќе бидат ослободени од стегите на матичниот стоматолог и ќже имаат право, за своите пари, да добијат стоматолошка услуга на ниво на целата држава, рече Георгиев.
Како што објаснува стоматологот Дафина Богеска, користејќи, вели достапни податоци од Фондот за здравство, две третини стоматолози едвај обезбедуваат минимална плата.
-Преку пристапот до информациите од јавен карактер од Фондот за здравство, дојдовме до податоците дека под 1 500 пациенти кои се оптимални за еден стоматолошки тим да помине минимална плата од 12 000 денари и за режиските трошоци на амбулантата, се 876 тимови. Само 131 тим имаат по 2000 пациенти и само тие може да земат нормална лекарска плата заедно со услугите кои ги даваат. Сите тимови кои имаат под 1 500 пациенти се принудени од дома да дадат пари за да ги покријат сите трошоци за да земат минимална плата. Затоа нашето здружение бара промена на моделот и поинаква исплата на тимовите. Нашата професија е од јавен интерес, а платата ни зависи од бројот на интервенциите. А ние треба да работиме на превентивата, значи треба да го намалуваме бројот на интервенциите, а не да се зголемува. Со зголемувањето на висината на капитацијата, околу 330 стоматолошки тимови би го зеле половината од буџетот, а другата половина ќе останме за преку 900 тимови, рече Богеска.
Здружението бара и повеќе од двојно да се зголеми буџетот за стоматолозите и барем да се приближат до општите лекари.
-Според податоците од Фондот, вкупниот буџет за 2018 година е 591 милион денари и е намален, наместо да се зголемува. Ние бараме буџетот повеќе од двојно да се зголеми и да биде околу една милијарда и 400 милиони денари и да бидеме една половина од буџетот што го имаат општите лекари, чиј буџет е преку 2 милијарди денари, рече Богеска.
Здружението најавува протест на 6 ноември пред Министерството за здравство, но се уште, вели Георгиев имаме надеж да се сретнеме со министерот Филипче.
– Досега имавме средба со координаторот за здравство, д-р Чакаровски, а се надеваме денес или утре да оствариме средба со министерот Венко Филипче. Сите наши одлуки се транспарентни, се донесувата на Собранието и од Извршниот одбор. Се надеваме дека овојпат ќе го слушнат лелекот на здравствените установи, а ако не, најверојатно ќе продолжиме со серија протести, но се надеваме дека ќе најдеме заеднички договор и ќе не прифатат во консултациите. Сметаме дека не сме проблем, туку само го носиме решението на проблемот, рече Георгиев.
Здружението има околу 200 членови.
Ново на Сител
-
Биткоинот достигна вредност од над 90,000 долари
-
Скопјанец осомничен за обид за убиство на подмолен начин
-
Тошковски: Ставањето во функција на „Безбеден град“ е со цел да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви
-
Во Кина студент со нож уби најмалку осум лица, рани 17
-
Измамена велешанка - И кажале дека и следуваат 20 илјади евра, па пратила 600 евра
-
Притворен малолетникот кој на автобуски станици во Карпош со нож повредил двајца малолетници
-
Мигранти влегле во камион без знаеење на возачот и се обиделе да влезат во Македонија
-
Пронајдена дрога во Скопје, приведени повеќе лица