Приватните специјализанти се уште чекаат на ветените вработувања
Наместо редовна плата, приватните специјализанти се уште се на минималец и чекаат конкурси за вработувања. Ветувањата од 2024 се префрлија во тековната година. 300 од нив требаше веќе да имаат засновано работен однос а останатите тоа да го направат пред летните одмори. Здравствените власти велат процесот е во завршна фаза, а тоа го кажуваа и лани.
- Новото ветување на министерот Таравари е дека тоа ќе се реализира до крајот на јануари, односно тековниот месец или уште две недели. Ние апелираме овојпат министерството да остане на својот збор бидејќи самиот процес на распишување на конкурси и траење на постапката е долг, може да трае и еден месец. Тоа значи дека нашите колеги најрано во март ќе ја земат плата, вели Александра Георгиева, претседател на ЗЛС.
Откако лани летото надлежните најавија вработувања на приватните специјализанти, беше утврдено во првата група да бидат младите доктори на 4,5 и 6 година специјализација. Долгото чекање и немањето на официјални информации кога ќе стапат во редовен работен однос ја зголемува нервозата кај специјализантите.
- Ние добиваме поплаки од страна на колеги и писмено и усно кои го изразуваат своето незадоволство и прашуваат кога ќе бидат конкурсите, вели Георгиева.
Здравствените власти велат процесот е во завршна фаза, а тоа го кажуваа и лани.
Во завршна фаза е процедурата за реализација на новите вработувања и за таа цел во тек се измени на систематизациите во јавните здравствени установи.
- Очекуваме во најскоро време оваа административна постапка да биде завршена, велат од МЗ.
Привантите специјализанти кои сеуште работат за месечен надомест од 26 000 денари, во март и април минатата година организираа протести а стапија и во генерален штрајк барајќи подобри услови за работа и поголеми примања.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар