Македонија
2. December 2022 - 16:33

Приватните превозници ги паркираа автобусите на Илинденска, во понеделник целосна блокада на Скопје

Приватните превозници паркираа 200 автобуси долж Илинденска, градоначалничката Арсовска го асфалтира булеварот кај Народна банка- скопјани среде сообраќаен хаос. Колони од возила и нервозни возачи, автобуските станици полни, но и автобусите на ЈСП.  Граѓаните велат, решение мора да се најде.

Но решение на повидок нема. Иако приватните превозници цел ден чекаа пред град Скопје да ги прими градоначалничката на средба,-средба не добија. За да нема нетрпеливост кај граѓаните и гужви во сообраќајот поради дефицит од автобуси, но и блокадите кои ги најавуваат, приватните превозници понудија компромисно решение- да им се исплати барем дел од долгот и веднаш ќе започнат да возат.

Според ВМРО-ДПМНЕ виновни за сообраќајниот хаос во Скопје се СДСМ и Арсовска.

Арсовска постави кадар на СДС за директор на ЈСП. Директорот на ЈСП, Стојковски, лично ја потпиша набавката од 27 милиони евра за гориво по цена од 2 евра за литро.Грабежот на Скопје е заеднички организиран од Ковачевски и Арсовска. Арсовска ги малтретира работници и го загрозува јавниот превоз во Скопје.

Според СДСМ пак, сообраќајниот хаос во Скопје е последица од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку до понеделник нема решение, приватните превозници ќе го парализираат сообраќајот во Скопје, со блокада на клучните раскрсници, кај Мавровка, Црвен Крст и цел булевар од Илинденска. Бараат разбирање од граѓаните бидејќи мораат на овој начин да си ги добијат заработените пари. На повикот на Арсовска приватните превозници да се пријават во град Скопје и да добијат линија, а средствата да им се исплаќаат директно од градот, велат никој нема да се пријави, бидејќи целта на градоначалничката според нив е да го растури единството на приватните превозници.