Македонија
23. December 2015 - 16:22

Притвор за две лица за примање поткуп и злоупотреба и домашен притвор за 17 лица од случајот „Геодет“

Две мерки притвор и 17 мерки куќен притвор одреди судија на претходна постапка за уапсените во вчерашната акција Геодет. Во соопштението на скопскиот кривичен суд се вели дека одлуката е донесена по предлог на јавното обвинителство.

„По разгледување на предлозите и на фактите и околностите, судијата на претходна постапка постапи по истите и донесе одлука со која се определува забрана за напуштање на престојувалиште, односно живеалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за превземање  на работни активности поврзани со кривичното дело за девет лица за „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Забрана за напуштање на живеалиште и привремено одземање на патна исправа за еден осомничен за кривично дело „Покуп“, за еден осомничен за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и за шест лица за кривично дело „Поднесување на лажни докази“.

Со вчерашната акција финансиската полиција откри катастарски криминал тежок над 5 милиони евра. За помалку од една година со измислени пресуди и решенија осомничените успеале да впишат десетина државни парцели на физички лица,зграда на Водно која била изградена спротивно на градежната документација и без технички прием, а со фалсификувано решение бил приватизиран и имот во индустриската зона Злокуќани вреден над еден ипол милон евра.

Според истрагата главен организатор на криминалот е 33-годишна правничка која до неодамна била вработена во скопскиот катастар, а дел од шемата биле и шалтерски работници, поголем број на геодети и тројца раководители. Измамата била откриена по пријава Секторот за внатрешна контрола на катастарот кој се посомневал за можни незаконски префралања на имот од страна на вработените.