Пристигнуваат новите банкноти од 200 и 2000 денари

За нешто повеќе од еден месец, односно, од 15 декември Народната банка на Република Македонија ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а во истовремено ќе ги повлече банкнотите од 5.000 денари.
-Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации, велат од НБРМ.
Од таму појаснуваат дека повлекувањето на книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари се случува поради тоа што не биле прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена застапеноста при вршењето на готовинските трансакции. Воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена која што се спроведува по период од 20 години.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот со претставa на старозаветниот 41. Давидов псалм којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни археолошки откритија на територијата на Македонија.
На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп.На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата „Исак џамија“ во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2.000 денари е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско Поле, како впечатлива рефлексија на богатството на фолклорната ризница на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи.
Што се однесува до задната страна на банкнотата, на неа е прикажана декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се наоѓаат два афронтирани пауна покрај „изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација.
Ново на Сител
-

Големо невреме со пороен дожд, грмежи и град северозападно од Куманово
-

Ангелов: Пожарот кај Макази најверојатно е подметнат, може да се прошири кон НП Пелистер
-

Андреј Смилевски со убедливи 3:0 избори финале на Светскиот куп во Будимпешта
-

Пепи Велков обезбеди финале, утре ќе се бори за злато против Украинецот Кобзиев
-

Уапсен 27-годишен тетовец, на жена и украл ташна со лични предмети на бензинска
-

Два гола на Халанд во триумфот на Сити над Кристал Палас
-

Ангелов: Бројот на пожари на отворен простор не стивнува, граѓаните да бидат исклучително внимателни
-

Турција инкасира над една милијарда долари од турските серии
