Македонија
16. February 2017 - 16:05

Пристигнати 723 барања за надомест за купени и вградени прозорци

До Министерството за економија заклучно со денеска до 15 часот пристигнати се 723 барања за надоместување на дел од трошоците  за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата по јавниот повик објавен на 31 јануари годинава на веб-страницата на Министерството за економија и во дневните весници „Дневник“ и „Коха“.

За оваа намена во буџетот на Министерството за економија за 2017 година обезбедени се 20 милиони денари, а доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „Прв дојден, прв услужен“, сѐ до искористување на средствата.

- Доколку сите баратели, кои поднеле комплетна документација, го остварат право на надомест во максималниот износ од 500 евра, со обезбедените средства ќе бидат субвенционирани најмалку 635 домаќинства, велат од Министерството за економија и додаваат дека очекуваат да се поддржат околу 700 домаќинства, имајќи предвид дека можеби сите нема да го искористат максималниот износ на субвенцијата.

Со стимулативната мерка се надоместуваат дел од трошоците во износ од 50 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 500 евра во денарска противредност по домаќинство.