Балкан
9. December 2019 - 13:08

Приштина подготвила 10 илјади страници документи за српските злосторства во Косово

Советникот на шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај вели дека една од главните цели на Министерството за надворешни работи во изминатиот мандат била докажувањето на воените злосторства на Србија во последната војна во Косово, за што е подготвена документација од 10.000 страници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Зиберај, станува збор за доказен материјал кој се уште не е третиран од страна на меѓународната правда.

– За време на мандатот на вицепремиерот и министер за надвотрешни работи Беџет Пацоли, една од главните цели на надворешната политика беше докажувањето на воените злосторства извршени од Србија во текот на геноцидот и владеењето на апартхејдот во Косово. Околу 10 илјади страници документи и докази се пронајдени кои се уште не се третирани од меѓународната правда. Поради тоа што тие потфрлија, ние треба да продолжиме да ги гониме воените злосторници, напиша Зиберај на својата страница на Фјесбук.

Тој најави дека во наредните денови претставници а МНР ќе остварат средба со специјалниот обвинител на Косово, кому ќе ги предадат документите со цел, како што вели, „да се изведат српските злосторници пред лицето на правда“.

– Знаејќи ги и ограничувањата кои ги има нашиот правен систем заедно со обвинителството ќе го изнајдеме праведното решение за изведување на злосторниците пред законот. Во време кога поддржувачите на (Слободан) Милошевиќ добиваат нобелова награда и негирањето на геноцидните дела извршени од Србија се смета за нормалност, ние треба да говориме и одново да го потсетуваме светот за тоа што се случи во Косово, напиша Зиберај.