Презентирана монографијата посветена на тајната на оригиналниот охридски бисер
Семејствата Филеви и Талеви од Охрид, единствените познавачи на тајните на изработката на оригиналниот и надалеку познатиот охридски бисер, денеска пред јавноста ја презентираа монографијата посветена на тој препознатлив охридски бренд.
- Голема е одговорноста на двете семејства секојдневно и постојано да ја бранат и докажуваат својата вистина за оригиналноста на своите производи во време на нелојална конкуренција. Единствениот начин е заедно сплотени, доследни на заветот даден кон своите претци и со поддршка на градот и државата, да ја зачуваат оваа традиција што за нас претставува значаен репрезент на Охрид и на Македонија пред светот, рече Оливера Мишева, коавтор на монографијата „Охридскиот бисер во фамилиите Филеви и Талеви“, инаку кустос при охридскиот „Завод и музеј“.
Нејзиниот соработник Никола Митровиќ од своја страна нагласи дека после нецел век за прв пат се појавува пишуван документ или дело во кое се обработува охридскиот бисер.
- Можеби оваа книшка е мала по обем, меѓутоа доста голема поради своето капитално значење, како темел и основа за понатамошна обработка на брендот охридски бисер, рече историчарот Митровиќ, нагласувајќи дека се работи за компилација од историја, архивистика, етнологија, уметност, култура, во кое првпат заедно се опфатени двете семејства кои ја знаат тајната на изработката на оригиналниот охридски бисер.
Климент Талев, во моментов најстариот член на семејството и припадник на втората генерација изработувачи на бисерот, рече дека оваа монографија претставува круна на нивната 90-годишна работа.
- Горди сме на своето минато. Нема секој можност да прославува речиси еден век традиција од изработка на една ракотворба што го направи Охрид уште попознат во светот, рече тој.
Охридскиот бисер се изработува од зрна седеф што се премачкуваат со специјална емулзија изработена од крлушките на рибата плашица. Рецептот за емулзијата семејствата во 1925 година го купиле од Русин, пребеган белогардеец со потекло од далечниот исток кај Бајкалското Езеро, кое според фауната наликува на Охридското. Охридскиот бисер се изработува рачно од материјали од природно потекло, кои се премачкуваат со емулзијата со четки изработени од влакна на верверичка или коњ. Вистинскиот охридски бисер никогаш нема да можете да го пронајдете да се продава на тезга.
Ново на Сител
-
Македонските ракометари ја совладаа Естонија во евроквалификациите
-
Американецот Роберт Превост е новиот папа, со избрано име Лав 14
-
Кардиналот Ре се надева дека вечерва ќе биде избран новиот папа
-
Скопската полиција на лице место фати криминалци кои краделе во објектите на поранешна Железара
-
Кривична против 39-годишник, ја следел неговата поранешна партнерка и упатувал закани преку пораки
-
Кривична за сопственик на фирма, работник без работна дозвола се заглавил во работна машина и починал
-
Лишен од слобода албански државјанин на ГП „Блато“, понудил поткуп на полицаец
-
ОЈО отвори истрага против 21-годишен скопјанец, во претрес на таванска просторија во зградата каде живеел пронајдена дрога и оружје