Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Грција во земјава
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Грција во Република Северна Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, изразувајќи задоволство од отворањето на ново поглавје во односите меѓу двете држави со значителен потенцијал за нивно натамошно збогатување и унапредување, претседателот Пендаровски истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност.
– Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности, изјавил Пендаровски, истакнувајќи дека нашата држава во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.
Претседателот Пендаровски изразил очекување дека фокусот на понатамошната соработка ќе биде во унапредувањето на, веќе, добрата економска состојба.
– Во таа насока особен приоритет треба да има реализацијата на конкретните регионални проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, економската размена, протокот на луѓе, идеи и на сите оние области предвидени во Акцискиот план за збогатување и унапредување на економската соработка што го потпишаа премиерите на двете земји, нагласил Претседателот.
Заблагодарувајќи се за топлото добредојде, амбасадорот Јанакакис истакнал дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија, нагласувајќи дека од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката Канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Тој додал дека целосното и навремено спроведување на Договорот е од витално значење за односите меѓу двете земји.
– Имајќи предвид дека настапи нова ера, рече амбасадорот Јанакакис, соработката и синергијата меѓу нашите две држави сега можат и мораат да бидат дополнително засилени во сите области од заемен интерес, а со Договорот од Преспа и усвоениот Акциски план, поставена е широка рамка за соработка во многубројни области во кои веќе се потпишани и низа договори и меморандуми за разбирање. Грчкиот амбасадор изјави дека заеднички интерес на двете земји е и демократската стабилност и безбедноста на регионот, безбедноста и сигурноста на нивните граници, како и просперитетот и развојот на регионот, се нагласува во соопштението, при што се додава дека претседателот Пендаровски на новоименуваниот грчки амбасадор му посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.
Ново на Сител
-
Ковачевски од Демир Капија: СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата
-
Силен земјотрес ја стресе Турција
-
Покрај отстапката на властите сите локални избори да бидат на 2 јуни, опозицијата се уште без став дали ќе излезе на избори
-
Николоски: На овие избори се одлучува дали Али Ахмети ќе продолжи да газдува со Македонија
-
За 3 дена во странствo ќе заработам како за 3 години тука | Ана Марија Јанковиќ | Sitel Podcast 027
-
Дачиќ за Бујар Османи: Интересно е дека Пендаровски не бил информиран за резолуцијата за Сребреница
-
Столтенберг: НАТО работи на испраќање повеќе ПВО системи во Украина
-
Бислими: Српската страна не нуди идеи за решавање на проблемот на употребата на динарот на Косово