Македонија
14. October 2015 - 14:30

Претседателот Иванов во посета на Швајцарската Конфедерација

Претседателот Ѓорге Иванов од денеска до 16-ти овој месец ќе престојува во работна посета на Швајцарската Конфедерација, по повод неговото учество на форумот „Кран Монтана“, што се одржува во Женева.

Иванов, како што информира неговиот кабинет, ќе се обрати на официјалната сесија на отворањето на форумот „Кран Монтана“ на тема „Глобални закани за безбедноста и тероризам, меѓународна и регионална соработка и превенција од конфликти, одговор на прашањето за заканите врз меѓународниот бизнис“.

Македонскиот претседател ќе има обраќање и на специјалната пленарна сесија на тема „Западниот Балкан како нова рута на мигрантите кон Западот“.

За време на работната посета на Швајцарската Конфедерација, предвидено е претседателот Иванов да оствари средби со високи претставници на ООН и ќе ја посети Школата за дипломатија и меѓународни односи во Женева.

Форумот „Кран Монтана“ е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на Форумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија и Советот на Европа.

Темите на дискусија на годинашниот форум се фокусирани на мигрантската криза, глобалната безбедност, заканите од организиран меѓународен  криминал,  екстремизам и радикализам.

За личниот придонес на претседателот Иванов  и  неговите активности и достигнувања во сите општествени области, како и за неговата посветеност во одбрана на фундаменталните слободи, организаторите на форумот „Кран Монтана“ во 2014 година на претседателот Иванов му ја доделија специјалната „Награда на Фондацијата“.