Македонија
17. August 2015 - 8:15

Претседателот Иванов ќе ја отвори Школата за млади лидери во Охрид

Со обраќање на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска свечено ќе биде отворена Школата за млади лидери, што по шести пат ќе се одржи од 17 до 28 август во Охрид.

На свеченото отворање предвидени се и обраќања на Франко Фратини, поранешен потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, на Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија, на Фенг Тиан, генерален менаџер на China Civil Engineering Construction Corp, како и на Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На годинашната школа ќе присуствуваат 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 44 учесници на школата.

На првиот ден од школата, предавања ќе одржат Фратини, Стојанов и Марк Оте, генерален директор на Кралскиот институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ.

Меѓу предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери се и Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“, како и Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за американски студии. Предавања на школата ќе одржат и истакнати поединци, успешни лидери во компании и претставници на етаблирани институции од Република Македонија, Кралството Холандија, Република Србија, Република Турција и други земји.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани пет интензивни тренинзи за лидерство вo 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година. Идејата на претседателот Иванов, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот, е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите,  Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадорифункционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.