Претседателката Сиљановска Давкова ја предводи македонската делегација на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во Соединетите Американски Држави, каде ја предводи македонската државна делегација на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.
Како што јавува известувачот на МИА од Њујорк, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Шефицата на државата ќе се обрати и на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади. Сиљановска Давкова ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари повеќе билатерални средби.
Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започнува денеска во македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, каде ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Попладне претседателката заедно со делегацијата во Фрихолд исто така во Њу Џерси ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“, која во себе обединува нашинци по потекло од дебарскиот крај.
Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ
-
Алијанса на Таравари со собрание за консолидација на партијата
-
Со стартот на грејната сезона зголемена опасноста од пожари
-
Иницијативен одбор во ЛДП бара смена на Зајкова, таа вели дека и се закануваат
-
Алијанса на Таравари со собрание за консолидација на партијата
-
ДСЗИ утре ќе го објави извештајот од надзорот за починатото 5–годишно девојче на детската клиника
-
ВМРО ДПМНЕ обвинува: СДСМ и ДУИ недоволно ги користеле апаратите за магнетна резонанца, а пациентите чекале
-
Власта да се откаже од новогодишната кошничка, бара СДСМ