Loading Video...
Свет
18. February 2025 - 12:37

Почнаа преговори Русија – САД во Ријад

Во Ријад главниот град на саудиска Арабија почнаа преговорите на делегациите на Русија и на САД за крај на војната во Украина. Руската страна ја сочинуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков, додека од американска страна се државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник Стив Виткоф. Покрај преговорите за крајот на војната, средбата има за цел да се отвори пат за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. 

Американската страна нагласи дека денешниот состанок не е за започнување преговори, туку за утврдување дали Русија е сериозна за завршување на војната во Украина. Русија, од друга страна, вели дека нејзин приоритет е да започне нормализирање на односите со САД.

Разговорите во Ријад се водат без претставници на Украина. 

Инаку, во Париз синоќа заврши итниот состанок на европските лидер за Украина, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц по неформалниот состанокот повика на единство меѓу Европа и САД во однос на одговорноста за украинската безбедност. Неговиот коментар беше за напорите на САД да започнат преговори со Русија без консултација со Европската унија. „Со други зборови, НАТО е основан на база секогаш да дејствуваме заедно и не смее да има поделба за прашањата за безбедност и одговорност меѓу Европа и САД“, надополни Шолц. 

Состанокот беше неформален, организиран поради загриженоста на европските лидери за намерата за средба Трамп – Путин. На состанокот присуствуваа лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Присутните на состанокот сметаат дека е неопходна тесна соработка и во рамките на НАТО.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од синоќа се наоѓа во Турција на покана на турскиот претседател Таип Ердоган ги отфрли разговорите меѓу САД и Русија што се одржуваат без него.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати критики за европските лидери велејќи дека ги пропуштиле можностите да преземат иницијатива во мировните преговори за Украина. Тој имше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Будимпешта.